ИНСАЈДЕР ИД АНАЛИЗА: ПРОМЕТ НА ТРГОВИЈАТА НА МАЛО СО ХРАНА, ПИЈАЛАЦИ И ТУТУН 2015 – 2019

Изработено од: Сергеј Зафироски

Агенцијата за истражување Инсајдер ИД како составен дел од следењето на трендовите на малопродажбата во Македонија, ги анализира и статистичките податоци за прометот кој го остварува секторот “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун” во кој влегуваат и малопродажните ланци на маркети.

Со анализата се дефинира идниот потенцијал и тренд на раст кај националните и локалните ланци на маркети за: префрлување на прометот од традиционалните канали кон модерните, учеството на приходот на ланците во вкупниот промет во секторот како и влијанието кое го имаат ланците врз добавувачите и врз цената на производите.

Малопродажните ланци а особено националните ланци во Македонија бележат сериозен и континуиран раст на приходот во последната декада и постои значајно зголемување на нивната моќ. Дефинирањето на обемот и растот на целата малопродажба и колкаво е учеството на националните ланци во него е од важност да се согледа нивната преговарачката и куповната моќ кон добавувачите како и на целата понуда на производи за широка потрошувачка кон самите консументи.

Национални ланци во Македонија се КАМ Маркет, Тинекс, Жито Маркет, Стокомак, Рамстор и Кит-Го како и ланците Веро и Киппер кои немаат маркети на целата територија, но сепак според остварениот приход влегуваат во посочената група. Дополнително, работат и повеќе од 30 локални ланци на маркети (кои располагаат со повеќе од 3 локации), но 25 од нив имаат позначаен промет со што се приклучени во следната анализа. Како пример се: Рептил, Дијана, Тамаро кои остваруваат приход кои надминуваат неколку милиони евра што посочува дека и локалните ланци се значајни “играчи” во малопродажниот сегмент.

Од публикацијата “Иднина на малопродажбата во Македонија”: Инсајдер ИД проектира дека во иднина ќе започне тренд на поделба помеѓу каналите за продажба и дистрибуција, односно самите производители и дистрибутери ќе започнат со продажба директно кон крајните потрошувачи. Од друга страна се зголемува и електронската трговија и продажбата на прехранбени производи и пијалаци што директно им овозможува на производителите и дистрибутерите да ја реализираат директната продажба. Анализата на прометот, меѓу другото го овозможува и дефинирањето на идниот раст на ланците на маркети и можноста за појава на “нови играчи” на пазарот.

Во претходните неколку анализи од Инсајдер ИД за идните трендови на малопродажбата, како и истражувањето за преферирани маркети од потрошувачите во Македонија, очекувано националните ланци ги заземаат првите позиции: КАМ Маркет на првата, Тинекс е на втората и Стокомак е на третата позиција. Меѓутоа, забележлива е промена на однесувањето на потрошувачите која што директно влијае на работењето на компаниите во секторот.

Извор: Државен завод за статистика – “Внатрешна трговија” – “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун”

Според официјалните податоци, вкупниот промет кој го има остварено малопродажбата односно сегментот “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун” во 2019 изнесува 1,69 милијарди евра, со просечен раст од 11.9% во период од 2015 – 2019 или вкупен раст од 56% за истиот период. За период од 5 години, вкупниот промет кој малопродажбата го има остварено се има зголемено за повеќе од 600 милиони евра, што претставува сериозен раст за економија со вкупен БДП кој е приближно 10 милијарди евра.

Значајното зголемување на прометот остварен во малопродажбата на храна, тутун и пијалаци, посочува дека потрошувачите секоја година пазарат поинтензивно, во поголеми износи и поголем број на производи, и според истражувањата од Инсајдер ИД пазарат и во поголем број на маркети, што директно посочува дека го разделуваат износот помеѓу неколку компании. Доколку се има во предвид (според неофицијални податоци) дека бројот на жители во Македонија во последната декада бележи пад, потрошувачката по глава на жител се има зголемено уште повеќе. Истото до определен степен го појаснува, значајното проширување на малопродажните ланци на целата територија на државата.

Извор: Државен завод за статистика

Просечниот вкупен расположлив приход по домаќинство во истиот временски период 2015 – 2019 година бележи помал раст или во просек годишно од 5.34% со вкупен раст од 23.12%. Трендот посочува дека и во иднина може да се очекува зголемување на потрошувачката со што и очекувано ќе го зголеми приходот на компаниите во иднина. Од интерес е да се посочи дека растот од 2015 – 19 од 23.12% иако е прилично значаен, не е колку и зголемувањето од 56% на вкупниот промет кој го остварува сегментот, што го потврдува и фактот дека зголемениот приход домаќинствата го “трошат” на прехранбени производи.

Извор: Државен завод за статистика – “Внатрешна трговија” – “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун”

Според бројот на вработени, анализираниот сектор од 18,935 во 2015 година го зголемува бројот до 23,161 лица со просечен раст од 5.2% или 22% во рок од 5 години. Просечниот приход по вработен бележи поголем раст од бројот на вработени од 57 илјади евра на 73 илјади евра или раст на просечниот промет од 28%. Просекот по вработен посочува дека компаниите во сегментот освен што се “потпираат” на зголемениот приход кај потрошувачите, имаат оптимизирано и дел од интерните процеси и целокупното работење што е позитивно. Трендот на зголемување на просечниот промет по вработен очекувано е да продолжи и во иднина со уште поголемо темпо пред се поради фактот што компаниите се повеќе вложуваат во нови ИТ Решенија кои дополнително ќе го подобрат работењето и зголемат прометот.

Извор: Државен завод за статистика – “Внатрешна трговија” – “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун” | Финансиските податоци (завршни сметки) се обезбедени од Таргет Груп ДОО (www.biznismreza.mk); Финансиските податоци за Локални ланци за годините 2015, 2016 и 2019 се проценета вредност како и податоците за Националните ланци за 2019 година;

Осумте национални ланци бележат значаен промет од вкупниот обрт кој е остварен во сегментот “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун” односно од вкупните 1,67 милијарди евра остваруваат 0.65 милијарди или помеѓу 37.2% – 40.9% од вкупниот промет на анализираниот сектор. Процентот на промет кој го “контролираат” мал број на малопродажни ланци ја дефинира и “моќта” која овие компании ја имаат врз добавувачите и цената на производите кои што ги продаваат. Од друга страна 25-те локални ланци на маркети, остваруваат во просек 15% од вкупниот промет или проценети 240 милиони во 2019 година. Комбинирано националните и локалните ланци на маркети остваруваат (проценети) 0.89 милијарди евра или приближно 50% од вкупниот промет остварен во сегментот на малопродажба со прехранбени производи.

Трендот на зголемување на прометот, вработените, приходот на ланците и доходот по домаќинство јасно посочува дека и во иднина може да се очекува истото да продолжи со ист интензитет. Зголемувањето на минималната плата и просечната исплатена нето-плата ќе го зголеми “трошењето” на прехранбени производи.
Исто така, еден од трендовите кој се очекува во период од 2020г. до 2025г. е зголемување на моќта кај тврдите дисконти додека вториот кој е позначаен за поголемиот дел од компаниите во сегментот е “префрлување” на прометот од малите локални маркети кон поголемите ланци.

Во прилог на истото е податокот според претходната анализа дека сеуште постои потенцијал кој е приближно 50% од вкупно остварениот промет во сегментот “Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун” во вредност од 900 милиони евра. Истото дава можност и за појава на нови “играчи” кои ќе имаат можност да опфатат нов сегмент или да задоволат дел од специфичните барања (“niche” пазарни сегменти) бидејќи според растот на прометот, потрошувачите се повеќе “трошат” пари на прехранбени производи.