Интернет потрошувачки навики во Македонија

Широката потрошувачка доживеа огромни промени во последната деката. Притисокот кој го имаат сите учесници вкучувајќи ги и самите потрошувачи се зголеми до невидени размери каде како за пример од 4000 нови производи претставени во 2007 година, нивниот број се искачи до повеќе од 10.000. Сите компании се обидуваат да пронајдат нови дистрибутивни канали за да го компензираат намалувањето на профитот и маржите на производите.

Факт е дека електронската трговија доживува процут и особено се потенцира како иднината на трговијата и воопшто односот помеѓу продавач и купувач, но колку всушност е тој важен за продажба на производи за широка потрошувачка (интернет супермаркет) во моментот и колку ќе биде значаен во иднина. Во светски рамки познато е дека Amazon, Walmart, Tesco додека во Македонија се обидуваат Рептил и СП Маркет да им овозможат на потрошувачите да пазарат намирници за дома преку интернет. Иако има раздвижување, дали Македонија го следи светскиот тренд? Колкав е всушност потенцијалниот пазар?

Се почести се коментарите дека традиционалните физички маркети ќе “непотребни” во следната деценија, но сепак реалноста е многу поразлична. Во извештајот на “TABS Analytics” и нивниот “Food and Beverage Report” јасно може да се забележи ниското и стагнатно 2% учество на интернет трансакциите во малопродажбата на прехрамбени производи. Според истото истражување помалку од 5% од возрасните потрошувачи прават помалку од 6 купувања во текот на една година, додека 78% од истите се потрошувачи во традииционалните маркети и 54% купуваат во Walmart. Од друга страна интернет пазарењето пораснало за 14% додека во традиционалните супермаркети за 2%. Според проценки од реномираната консултантска куќа McKinsey до 2025 приходите во интернет маркетите ќе изнесува 25% од вкупните приходи во производите за широка потрошувачка.

Ситуацијата во Македонија, може да се забележи дека заостанува зад западните примери. Локалните ланци на маркети доживуваат процут но не на интернет туку во традиционални објекти. Забележлив е нивен огромен раст и по вкупни приходи но и по број на физички маркети. Доколку до пред 3-5 години постоеја неколку сериозни ланци по големина и промет сега нивниот број е многу поголем. Рамстор, Рептил, Гранап, Тамаро, Жито Маркет, Стокомак, Кит-го, Киппер се само дел од “играчите” на Македонскиот пазар кои можеби подолг временски период постојат како компании, но агресивно настапуваат и сериозно се закануваат на доминантните во последните неколку години. Од друга страна дел од маркетите како Тедико кој повеќе не работи и СП Маркет кој континуирано има пад на приходите доведуваат до префрлување на потрошувачите од еден во друг ланец.

Како за споредба најголемиот ланец Кам Маркет пред само 3 години има вкупни приходи од продажба од 58 мил. евра, додека 2016 ја завршува со 101 мил.евра или 75% раст. Рамстор од “само” 20.8 мил.евра во 2013, во претходната година има пријавено 47 мил.евра или раст од високи 125%. Вкупно 40 ланци на маркети во Македонија имаат остварено повеќе од 620 милиони евра според нивниот пријавен промет претходната 2016 година. Нашата проценка е дека вкупниот приход на маркетите низ Македонија кои работат во дејноста “продажба во неспецијализирани продавници” производи за прехрана и пијалоци е приближно 1 милијарда евра годишно. (податоците за приходите 2016 година се преземени од Таргет Груп)

Поради експоненцијалниот раст на физичките маркети, реалното зголемување на потрошувачката и можноста за големи приходи од традиционалниот начин на продажба, интернет каналот е запоставен и ставен во втор план на сите поголеми компании во Македонија. Како и претходно напоменато, Рептил е помеѓу првите во интернет продажбата на производи за широка потрошувачка бидејќи е првиот ланец кој се занимава реално со негова сериозна комерцијализација и конкретна маркетинг стратегија. Ситуацијата ќе започне да се променува во следните 1 – 2 години кога и за маркетите во Македонија ќе се појави потреба од користење на новиот современ канал.

Врз интензитетот на интернет продажбата влијаат неколку различни фактори кои мора да се имаат во предвид за да се дефинира точниот потенцијал, како старосната структура на потрошувачите, културата на користење, достапност на интернет, платежен систем и платежни навики како и довербата во интернетот во целина. Добро познатата компанија Групер од Македонија, која иако е комплетно друг сегмент на работење, докажа дека во Македонија има потенцијал и потрошувачи кои се подготвени да купуваат на интернет.

Превземете ја брошурата за истражувањето