Само три проценти од Македонците подготвени да купуваат онлајн

Во моментов само три проценти од вкупното население во Македонија или шест отсто од луѓето на возраст меѓу 19 и 54 години се подготвени да купат онлајн производи за широка потрошувачка, покажува истражувањето на агенцијата „Инсајдер ИД“ изработено за потребите на AllWeb конференцијата за дигитален маркетинг.

Истражувањето покажува дека 66 проценти од македонските потрошувачи на возраст меѓу 19 и 54 години купиле што било онлајн, без разлика дали потрошиле десет или десет илјади евра.

Според Сергеј Зафировски од агенцијата за маркетинг истражување „Инсајдер ИД“, ова е прво истражување од ваков вид во Македонија и се однесува на интернет пазарот на стоки за широка потрошувачка.

„Тоа што досега се покажува во Македонија како број на купувачи, тоа се историски податоци, односно според трансакциите што луѓето ги направиле во период од 12 месеци или 12 години. Најважната информација е да знаеме колкав број на луѓе воопшто купиле некогаш нешто на интернет и за тоа беше целото истражување, да добиеме некои бројки и метрики зошто луѓето купуваат, зошто не, и под кои услови би го смениле мислењето. Дали би купиле онлајн производи што не се својствени да се купат онлајн и на светско ниво, како месо, сирење, кашкавал и други сензитивни производи, за кои сѐ уште важат правилата дека потрошувачите сакаат да го видат производот за да го купат“, изјави Зафировски.

Според Зафировски, ако земеме дека Македонија има 2.100.000 жители, околу 27 отсто  од нив во моментов се потенцијални онлајн потрошувачи, додека максималниот пазар се проектира меѓу 550 и 600 илјади луѓе. Тоа, според него, значи дека во Македонија за онлајн купување има подготвени 65.000 лица.

Проекцијата на финансискиот потенцијал на пазарот со податоци за 40-те најголеми синџири на маркети во Македонија покажува дека македонскиот пазар на производи за широка потрошувачка во моментов тежи меѓу 37 и 40 милиони евра и дека пазарот во наредните пет години ќе расте меѓу 1,5 до два проценти на годишно ниво.

„Значи 40 милиони евра за држава како Македонија не се малку, но кога ќе се поделат на 65 илјади потенцијални купувачи се добива дека секој потрошувач треба да купи производи во вредност од 650 евра годишно, или 50 и нешто евра месечно, или 11 евра неделно, што изгледа многу реално. Тоа е отприлика растот што го имаат и вкупниот пазар на супермаркети во Македонија. Очекуваме дека со малку помал процент ќе расте и онлајн потрошуваката, бидејќи помладите генерации, кои се двигател на процесот на промена на навиките ќе стареат и ќе трошат повеќе средства“, вели Зафировски.

Македонските компании, според него, се далеку од подготвени да настапат електронски на пазарот.

„Електронскиот пазар е толку голем што македонските компании или ќе ја прифатат играта или нема, тоа зависи од нив. Македонскиот потрошувач, како и да е, ќе ги даде парите. Разликата е дали ќе ги даде на домашни фирми или на странски. Работата е дека во Македонија сѐ уште и како пазар и овие 65.000 луѓе изгледаат како нешто интересно, но не се така многу за да се прави комплетна стратегија на компанијата да биде онлајн“, изјави Зафировски.

Истражувањето покажало дека македонските онлајн потрошувачи најмногу се сомневаат во квалитетот на самите производи, дека тоа што ќе го добијат нема да биде со квалитетот што го очекуваат. Тоа е прво кај 70 проценти од луѓето, додека кај 50 отсто од лицата е стравот од управувањето со личните податоци или нивната злоупотреба.

Истражувањето е спроведено во периодот од први октомври до први ноември годинава, на репрезентативен примерок од 1.200 луѓе во Македонија. Анкетирани се луѓе само од урбани средини меѓу 19 и 54 години. Користени се два методи, онлајн анкетирање преку прашаланици и класични теренски анкети на неутрални локации.

Извор МИА (Македонска Информативна Агенција)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *